Новата механичка направа ги враќа во живот изгубените надежи на многу луѓе во светот. Станува збор за бионичката рака која досега направи чуда за многу луѓе, а уште голем број се надеваат дека ќе им помогне и ним.
Направата наречена СаебоФлекс им помага на пациентите така што го потпира нивниот зглоб, по што овие можат да прифатат и да отпуштат некој предмет.
"Ова е одлична направа, ми помага многу и мислам дека за мене и за останатите кои го имаат истиот проблем, може да направи чуда, на некој начин да послужи како теретана за мојата рака", изјави Дориан Кокс кој посетува невролошка психо-терапија која вклучува и тренинг со револуционерната механичка ракавица, откако десната страна од неговото тело останала парализирана. Пред повредата, Дориан бил страстен свирач на гитара.
"Знам дека работите никогаш нема да бидат исти и никој не може да ми каже дали повторно ќе можам да свирам на гитара, но ракавицата навистина ми помага кон враќањето во нормалниот живот", додава Дориан, кој доживеал мозочен удар во април оваа година, еден ден откако неговиот бенд The Long Blondes се вратил од успешната турнеја низ САД.
"Беше навистина чудно. Дојде 'од никаде'. Знам дека помислив дека сум премлад за вакви проблеми. Мојата десна рака и нога моментално не се баш во најдобра состојба. Тоа за мене е вистинска ноќна мора, бидејќи мојата група се распадна и целиот мој живот одненадеж исчезна. Но, можеше да биде и полошо", сведочи храбриот Дориан.
"Резултатите се одлични. Некои пациенти сега можат самите да држат некои предмети, што со години не можеле да ги имаат во своите раце", изјави Др. Сара Даниел од PhysioFunction во Јорк, Велика Британија, каде веќе некое време го тестираат влијанието на СаебоФлекс врз пациентите.