Популарното и сеприсутно компјутерско глувче денес го слави својот 40-ти роденден. На 9-ти декември 1968 година, Даглас Енгелбарт го употребил прв за да презентира нов начин на работа со компјутерите.
Првото глувче кое доктор Енгелбарт го користел на информатичката конференција Fall Joint Computer Conference (FJCC) било направено од дрво и имало само едно копче.
Технички гледано, она што Eнгелбарт го презентирал, и денес е во широка употреба. Иако Енгелбарт прв го презентирал, творецот на глувчето всушност е Бил Инглиш. Енгелбарт бил првата личност која со него се служела, а за потребата од развој на новото помагало, на институтот во Калифорнија оформил цел тим кој на развојот на глувчето работел цели три години.
Енгелбарт со своето знаење помогнал многу во технолошкиот развој, а бил и еден од ретките научници кој во тоа време имал јасна визија за тоа како треба компјутерите да им помагаат на луѓето.